Скопје, 28.7.2026 година – На 27. седница, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесе Одлука за продолжување на дозволата за телевизиско емитување на ТРД Телевизија Макпетрол ДООЕЛ Скопје за период од девет години, како и Решение за бришење од Регистарот на радиодифузери на Друштвото за радиодифузна дејност Протел ДООЕЛ Пробиштип.
Советот ги разгледа кварталните извештаи за работата на Агенцијата за периодот од 1 април до 30 јуни 2026 година. Воедно, донесе заклучоци за продолжување на рокот за одлучување по барањата за промена на сопственичката структура на Радиодифузното друштво Наша ТВ ДООЕЛ Скопје и на ТРД РФМ ДООЕЛ Скопје за дополнителни 30 дена, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
По разгледувањето на Писмениот извештај за извршен редовен програмски надзор, на операторот на кабелска мрежа Трговско радиодифузно друштво Вива Нет ДООЕЛ Берово му беше изречена мерка јавна опомена поради прекршување на член 141 став 13 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, затоа што реемитувал програмски сервис кој не е опфатен со потврдата за регистрација на програмски сервиси издадена од Агенцијата. На операторот му е наложено веднаш да го усогласи своето работење со законските одредби.
Советот даде одобрување за обезбедување средства за обновување на четири кориснички пристапи до електронската база на прописи на „Службен весник на Република Северна Македонија“, како и за набавка на услуга за одржување на кафематите во Агенцијата.
Исто така, беше дадено одобрување за спроведување постапки за јавни набавки за истражување и анализа на родовите прашања и начинот на прикажување и претставување на жените и мажите во програмите на радиодифузерите, како и за набавка на дигитални сертификати, согласно Годишниот план за јавни набавки на Агенцијата за 2026 година.