Скопје, 18.8.2026 година – На 28. седница Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесе Одлука за продолжување на дозволата за радиоемитување на Трговското радиодифузно друштво Радио Зона М-1 Светлана ДООЕЛ Скопје за период од девет години, од 5 јануари 2027 до 4 јануари 2036 година.
Советот ги разгледа писмените извештаи од извршениот редовен програмски надзор над ЈРП МРТ, Македонска телевизија – Прв програмски сервис (МРТ1), ЈРП МРТ, Македонска телевизија – Петти програмски сервис – Канал 5 (МРТ5), како и над ТРД Компани 21-М ДООЕЛ Скопје. Поради прекршување на член 26 став 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно поради непочитување на обврската за доставување годишни извештаи за спроведување на годишниот акциски план за пристапност за 2025 година во законски утврдениот рок, до 31 март 2026 година, Советот им изрече мерка јавна опомена на МРТ1, МРТ5 и Компани 21-М ДООЕЛ Скопје. На субјектите на надзорот им е наложено веднаш по приемот на решенијата за јавна опомена да го усогласат своето работење со одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Правилникот за пристапност до медиумските услуги.