Скопје, 15.9.2026 година – Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на 31. седница донесе Одлука за објавување јавен конкурс за избор на заменик на директорот на Агенцијата. Конкурсот ќе трае седум работни дена и ќе биде објавен во два дневни весника – еден на македонски јазик и еден на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот. За евалуација на пријавите беше формирана Комисија, која во рок од десет работни дена по истекот на рокот за пријавување ќе достави извештај со предлог за избор.
Разгледан беше и Писмениот извештај за извршен вонреден програмски надзор, при што на МРТ1 и беше изречена мерка јавна опомена за прекршување на член 50 став 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и членовите 16 и 17 од Правилникот за заштита на малолетните лица. Мерката е изречена поради емитување на филм означен како програма од трета категорија (12+), на 14 август 2026 година, во несоодветен временски период. МРТ1 е задолжена во рок од 20 дена од приемот на Решението да го усогласи своето работење со прописите, по што ќе биде извршен контролен надзор.