Скопје, 3.11.2026 година – Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го разгледа Извештајот за извршен надзор над изборното медиумско претставување на Вториот програмски сервис на Македонската телевизија (МРТ2), при што утврди прекршување на Изборниот законик за време на изборниот молк во вториот круг на гласање на Предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница, поради што одлучи да покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд.
Советот донесе и одлуки за продолжување на дозволите за радиоемитување на РТД Метрополис радио ДОО Скопје, ТРД Модеа ДООЕЛ Свети Николе, ТРД Радио Ват ДОО Скопје, ТРД Радио Кисс ДООЕЛ Тетово, ТРД Радио Ред ФМ ДООЕЛ Тетово, РТД Радио Роса-АБ ДООЕЛ Скопје и ТРД Радио Тајм Павле ДООЕЛ Гевгелија, како и за продолжување на дозволите за телевизиско емитување на ТРД Алсат – М ДОО Скопје и ТРД ТВ Дуе Назми ДООЕЛ Гостивар. Сите дозволите се продолжуваат за период од девет години, од 5 јануари 2027 до 4 јануари 2036 година.
Во рамките на програмскиот надзор, на ТРД Г-ТВ Телевизија ДООЕЛ Гостивар му беше изречена мерка јавна опомена за прекршување на член 92 ставови 1 и 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со надзорот е констатирано дека на 4 септември 2026 година телевизијата не емитувала најмалку 30 % програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела, ниту, пак, најмалку половина од законскиот минимум од оваа програма во периодот од 7 до 19 часот. На телевизијата ѝ е наложено во рок од 20 дена од приемот на решението да го усогласи своето работење со законските обврски, а по истекот на рокот Агенцијата ќе изврши контролен надзор.
Беше усвоен и Извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање на програмите на радиодифузерите за време на изборната кампања во првиот круг на гласање на Предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница, за периодот од 28 септември до 16 октомври 2026 година. Извештајот ќе биде доставен до Државната изборна комисија и објавен на веб-страницата на Агенцијата.
Во делот на јавните набавки, Советот даде одобрување за спроведување постапка за набавка на услуга за одржување и сервисирање на службените моторни возила, предвидена со Годишниот план за јавни набавки за 2026 година. Средствата за набавката се обезбедени со Финансискиот план за 2026 година, односно ќе бидат дополнително дообезбедени со Финансискиот план за 2027 година.