Хроника од 38. седница

Скопје, 12.11.2026 година – На 38. седница, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесе одлуки за продолжување на дозволите за телевизиско емитување на ТРД ТВ Канал Феста ДООЕЛ Куманово и ТРД Алфа ТВ ДООЕЛ Скопје, како и за радиоемитување на ТРД Радио Пулс ДООЕЛ Кавадарци, ТРД Енџелс ФМ ДООЕЛ Штип, ТРД Голди ДООЕЛ Велес, ТРД Галакси-2002 ДООЕЛ Кавадарци, ТРД Блета ДООЕЛ Тетово и Друштвото за телекомуникации и радиодифузија Плеј Радио Струга ДООЕЛ. Сите дозволи се продолжуваат за период од девет години, од 5 јануари 2027 до 4 јануари 2036 година.

Во рамките на програмскиот и административниот надзор, на ТРД ТВ Гурра ДООЕЛ Кичево и беа изречени две мерки јавна опомена. Првата е за прекршување на член 92 ставови 1 и 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, бидејќи телевизијата не емитувала најмалку 30 % програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела, ниту најмалку половина од законскиот минимум на оваа програма во периодот од 7 до 19 часот. Втората мерка е за прекршување на член 51 став 1 од истиот закон, бидејќи телевизискиот програмски сервис не ги обезбедил информациите што треба да им бидат достапни на корисниците. На радиодифузерот му е наложено во рок од 20 дена од приемот на решенијата да го усогласи своето работење со законските обврски, по што Агенцијата ќе изврши контролен надзор.

Во делот на финансиското работење, Советот даде одобрение директорот на Агенцијата да донесе Одлука за отпис од сметководствената евиденција на застарени обврски кон  доверители и добавувачи. Отписот ќе се изврши по донесувањето на Одлуката. Советот даде одобрување и за исплата на парична помош – надоместок за смрт на член на потесното семејство на вработен во Агенцијата. Средствата за оваа намена се обезбедени со Финансискиот план на Агенцијата за 2026 година.

 



Accessibility

Accessibility