Хроника од 39. седница

Скопје, 18.11.2026 година – На 39. седница, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги усвои Нацрт-годишниот план за вршење административен надзор во 2027 година, Нацрт-годишниот план за вршење програмски надзор во 2027 година и Нацрт-програмата за работа на Агенцијата за 2027 година, со Нацрт-програмата на планирани активности и Нацрт-финансискиот план. За сите три документи ќе биде отворена јавна расправа во траење од 30 дена, во рамките на која заинтересираните страни ќе можат да ги изразат своите мислења, гледишта и ставови.

Беше усвоен и Извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање на програмите на радиодифузерите за време на изборната кампања во вториот круг на гласање на Предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница, која заврши на 30 октомври 2026 година. Извештајот ќе биде доставен до Државната изборна комисија и објавен на веб-страницата на Агенцијата.

Во делот на дозволите за емитување, беа донесени одлуки за продолжување на дозволите за радиоемитување на РТД Скај Радио Теодор ДООЕЛ Скопје, ТРД Радио Акорд ДООЕЛ Кичево и ТРД Радио Бум ДООЕЛ Куманово. Сите три дозволи се продолжуваат за период од девет години, од 5 јануари 2027 до 4 јануари 2036 година.

Покрената беше и постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД Телевизија Кочани-ЛД ДООЕЛ Кочани, поради неисполнување на минималните кадровски услови утврдени со Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување. На радиодифузерот му е дадена можност во рок од 15 дена од приемот на Предлогот за покренување постапка за одземање на дозволата да ги исполни пропишаните услови, во спротивно Советот ќе донесе одлука за одземање на дозволата.

Во рамките на програмскиот надзор, на ТРД ТВ Сител ДООЕЛ Скопје му беше изречена мерка јавна опомена за прекршување на член 55 ставови 2 и 4 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои се однесуваат на пласирањето производи и услуги во аудиовизуелните програми и забраната за аудиовизуелни комерцијални комуникации за одредени алкохолни пијалаци. На телевизијата ѝ е наложено во рок од 20 дена од приемот на решението да го усогласи своето работење со законските одредби, по што Агенцијата ќе изврши контролен надзор.

 



Accessibility

Accessibility