1

04.08.2009г. Советот за радиодифузија побара од операторите на јавните комуникациски мрежи да ги исклучат телевизиските канали без регулирани авторски права

СКОПЈЕ, 4 август 2009 – Советот за радиодифузија (СРД) на Република Македонија денеска побара од операторите на јавните комуникациски мрежи (кабелски оператори и ИПТВ оператори) да го прекинат реемитувањето на телевизиските програмски сервиси на ТВ НОВА од Хрватска и ОБН од Босна и Херцеговина
поради тоа што ги немаат обезбедено соодветните авторски права за нивно реемитување во Македонија.

Ова решение беше донесено по обемните преговори меѓу СРД и операторите на јавните комуникациски мрежи во Македонија и по консултациите со ТВ НОВА и ОБН. И покрај изразената добра волја од СРД и по сите дополнителни рокови, операторите не доставија договори со уредени авторски права за реемитување на овие програмски сервиси.

“Советот за радиодифузија го спроведува Законот за радиодифузната дејност во делот за заштита на авторските и сродните права. Во моментот кога операторите на јавните комуникациски мрежи до нас ќе достават документ за уредени авторски права, ние веднаш овие канали ќе ги регистрираме во нивниот пакет.” – е ставот на членовите на Советот за радиодифузија.

Според Законот за радиодифузната дејност, член 109, операторите на јавните комуникациски мрежи се должни да ги уредат авторските права за реемитување на програмските сервиси, без разлика дали станува збор за аналогно или дигитално реемитување, за СРД да ги регистрира нивните програмски пакети и тие легално да можат да бидат реемитувани на територијата на Република Македонија.