СКОПЈЕ, 21 ноември 2009 – Членовите на Советот за радиодифузија (СРД) на сите телевизиски куќи им го честитаат денешниот Светски ден на телевизијата.
Значењето на телевизијата кај нас е големо, зашто во Република Македонија – според истражувањата на СРД – граѓаните најмногу се информираат од телевизиските програми. Телевизијата игра значајна улога во пренесувањето информации и знаења и претставува ефективна алатка за обликување на општествената средина.
„Квалитетната телевизиска програма создава добро информирана јавност, којашто е способна да учествува во јавни дебати и заедно со националните водачи да решава проблеми од заеднички интерес; оттука и клучната улога на телевизиските куќи како промотори на демократија и заеднички дијалог во општеството.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски. „Независните медиуми се предуслов за демократско општество. Секое влијание, без разлика дали доаѓа од политичкиот или бизнис секторот ја искривува диоптријата во информирањето на јавноста.“
СРД ги охрабрува домашните телевизии – како највлијателен медиумски облик – постојано да ја унапредуваат слободата на изразувањето, да ги промовираат културната разновидност, вредностите на соживот и толеранција и преку своето работење да пропагираат мир и општествено вклучување.
Во 1996 година Генералното собрание на Обединетите нации, 21 ноември го прогласи за Светски ден на телевизијата, поттикнувајќи глобална размена на телевизиски програми, коишто се фокусираат на мирот, безбедноста, економскиот и општествениот развој и унапредувањето на културната размена.