02.12.2009г. Конкурс за радио на локално ниво

image_pdfimage_print

Се објавува конкурс за доделување 9 (девет) дозволи за вршење радиодифузна дејност за емитување и пренос на радио програмски сервиси на локално ниво…


Република Македонија
Совет за радиодифузија
Бр. 07-4048/1
02.12.2009 година
С к о п ј е

Врз основа на член 44, а во согласност со член 45, 46 и 47 од Законот за радиодифузната дејност (Службен весник на РМ бр.100/05, 19/07, 103/08, 152/08) и Заклучокот на Советот бр.02-4023/4 од 02.12.2009 година, Советот за радиодифузија на РМ на 23-та седница одржана на 02.12.2009 година, ја донесе следната

О Д Л У К А

за објавување конкурс за доделување дозволи

за вршење радиодифузна дејност (радио)

на локално ниво

1. Се објавува конкурс за доделување 9 (девет) дозволи за вршење радиодифузна дејност за емитување и пренос на радио програмски сервиси на локално ниво за пренесување преку терестријален предавател, и тоа за:

– Куманово, 1 (една) дозвола, на македонски јазик;

– Куманово, 1 (една) дозвола, на албански јазик;

– Кичево, 1 (една) дозвола, на македонски јазик;

– Кичево, 1 (една) дозвола, на албански јазик;

– Кочани, 1 (една) дозвола, на македонски јазик;

– Ресен, 1 (една) дозвола, на македонски јазик;

– Струга, 1 (една) дозвола, на македонски јазик;

– Гостивар, 1 (една) дозвола, на албански јазик;

– Штип, 1 (една) дозвола, на македонски јазик.

2. Радио програмските сервиси на локално ниво, наведени во точка 1 на

оваа Одлука, ќе се емитуваат и ќе се пренесуваат преку терестријални предаватели на фреквенции определени за секоја дозвола поединечно од страна на Агенцијата за електронски комуникации на РМ.

3.Радио програмските сервиси на локално ниво, наведени во точка 1 на оваа Одлука, ќе бидат со следниве формати1:

– за подрачјето на Ресен: говорно-музичко радио од општ формат,
– за подрачјето на Гостивар и Кичево (на албански јазик): музичко

говорно радио од општ формат,

+ за подрачјето на: Куманово (на македонски и на албански јазик), Кичево (на македонски јазик), Кочани, Струга и Штип, говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.

3. Дозволите ќе се доделат за временски период од 9 (девет) години и тие не можат да се пренесуваат на други лица.

4. Условите и барањата што кандидатите треба да ги исполнуваат за вршење на дејноста, како и критериумите за споредување и вреднување на пријавите и нивната тежина при оценувањето, се содржани во конкурсната документација која содржи општи, технички, продукциски, програмски и други услови, чиј текст е составен дел на оваа Одлука (Прилог 1)2.

5. Основните технички услови, стандарди и параметри за емисиониот дел одредени во согласност со Законот за електронските комуникации (Службен весник на РМ, бр. 13/05, 14/07, 55/07, 98/08), се содржани во конкурсната документација и Одобрението за користење радиофреквенција издадено од Агенцијата за електронски комуникации.

6. За дозволите се плаќа годишен надоместок за секоја тековна година, почнувајќи од датумот на доделувањето на дозволата, на сметката на Советот за радиодифузија.

Висината на годишниот надоместок за дозволите, Советот за радиодифузија ќе ја пресметува согласно член 60 од Законот за радиодифузната дејност на почетокот на секоја календарска година.

7. За користење на радиофреквенциите за радиодифузна и за фиксна служба се плаќа годишен надоместок пресметан според Правилникот за начинот на пресметка на годишниот надоместок за користење на радиофреквенции, донесен од страна на Агенцијата за електронски комуникации (Службен весник на РМ, бр. 02/08).

Надоместокот за користење радиофреквенции се плаќа на сметка на Агенцијата за електронски комуникации за секоја тековна година, почнувајќи од датумот на издавањето на Одобрението за користење радиофреквенции.

8. За определување на предавателната фреквенција, микролокација, максималната ефективна иззрачена моќност (ЕРП), насоченоста на антенскиот систем, како и за другите технички параметри што не се определени со оваа Одлука и со конкурсната документација, кандидатите се должни (по подигањето на документацијата од Советот и добивањето потврда од Советот за подигнатата документација) да се обратат во Агенцијата за електронски комуникации, каде ќе ги добијат деталните технички параметри, кои се составен дел на конкурсната документација и според кои ќе треба да се изработи техничкиот елаборат за предавателниот дел.

Пријавувањето на кандидатите во Агенцијата за електронски комуникации треба да биде со истиот назив како и во Советот за радиодифузија.

9. Кандидатите на Конкурсот поднесуваат пријави на посебен образец чија форма и содржина ги пропишува Советот за радиодифузија.

Општите, техничките, продукциските, програмските и другите услови кои се составен дел на конкурсната документација и образецот – Пријава, можат да се подигнат во Советот за радиодифузија на Република Македонија, бул. “Маркс и Енгелс” бр.3, Скопје.

За документацијата се плаќа надоместок во износ од 5.000,00 денари на жиро сметка: 300000000618023, Банка депонент: Комерцијална банка А. Д. Скопје.

10. Пријавата се поднесува до Советот за радиодифузија на Република Македонија, на адреса: бул. “Маркс и Енгелс” бр. 3, Скопје, со назнака “Пријава за конкурс за доделување дозвола за вршење радиодифузна дејност – радио на локално ниво”.

Пријавата, со придружната документација, се поднесуваат во 2 (два) примерока.

11. Пријавата може да се достави препорачано по пошта или со предавање во архивата на Советот за радиодифузија.

12. Пријавата за учество на Конкурсот се поднесува во рок од 50 (педесет) дена.

Рокот за поднесување на пријавите тече од првиот нареден ден од денот на објавувањето на оваа Одлука во “Службен весник на РМ”.

Пријавите се поднесувааат во рокот определен со оваа Одлука на начин, форма и со содржина предвидена во конкурсната документација со Општите, техничките, продукциските, програмските и другите услови.

Пријавите што ќе бидат поднесени по истекот на рокот определен со оваа Одлука и нема да бидат подготвени и доставени според условите утврдени во конкурсната документација, односно со Општите, техничките, продукциските, програмските и другите услови, нема да бидат разгледувани.

13. Оваа одлука се објавува во “Службен весник на Република Македонија”, на веб-страницата на Советот за радиодифузија на Република Македонија и во најмалку два дневни весника, а влегува во сила од првиот нареден ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Совет за радиодифузија на Република Македонија

Претседател,

Зоран СТЕФАНОСКИ, с.р.



Accessibility

Accessibility