04.07.2012г. СРД и Факултетот ФИНКИ потпишаа меморандум за соработка

image_pdfimage_print

СКОПЈЕ, 04.07.2012 – Советот за радиодифузија (СРД) и Факултетот за информатички науки и компјутерско  инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” од Скопје, потпишаа меморандум за соработка, чијашто цел е унапредување на соработката меѓу овие две институции, особено во делот на воведувањето на дигиталната телевизија по исклучувањето на аналогниот пренос на телевизиските содржини,предвиден за средината на 2013 година.

„15 насто од населението во Р. Македонија се’ уште ги следи телевизиските програми преку аналогни антени, па постои можност, кога ќе биде исклучен аналогниот пренос наредната година, овој дел од населението да остане надвор од системите за јавно информирање. За оваа цел СРД наесен ќе започне јавна едукативна кампања за информирање на населението за воведувањето на дигитална телевизија.“ – рече претседателот на СРД, м-р Зоран Трајчевски.

Деканот на ФИНКИ, проф. д-р Димитар Трајанов, се осврна на техничките критериуми на коишто треба да внимаваат купувачите на нови телевизори со цел тие да бидат компатибилни со дигиталните мрежи во Р. Македонија: „Мора да се внимава на тоа, ТВ-приемниците да го исполнуваат DVB-T стандардот за прием на дигитална телевизија со MPEG-4 компресија, во спротивно нема да можат да ги репродуцираат телевизиските содржини. За постарите телевизори постојат т.н. дигитални приемници или сет-топ-боксови, коишто чинат околу десеттина евра и служат за конверзија на дигиталниот сигнал во аналоген, така што и постарите телевизори ќе можат да се користат по исклучувањето на аналогниот сигнал.“

Најновото истражување на СРД покажа дека 57,4 насто од населението е приклучено на кабелски мрежи, 15 насто користи аналогни антени, 11,4 насто ги прима телевизиските содржини преку сателит, 8,8 преку IPTV-мрежи и 6,9 користат дигитален прием преку постојните комерцијални дигитални мрежи.

Само оној дел од населението (15%), коешто користи аналогни антени ќе биде директно засегнато од исклучувањето на аналогните телевизиски предаватели, додека останатите не мораат да набавуваат нови телевизори или дигитални рисивери.

 

Презентацијата што беше прикажана на прес конференцијата е достапна овде (.pdf документ).



Accessibility

Accessibility