Агенцијата потсетува: има правила за еднаков пристап и за потпалувачки говор

image_pdfimage_print

Скопје, 05.12.2016 година – Неколку политички субјекти – учесници во изборниот процес, ја информираа Агенцијата дека одредени медиуми не известуваат за нивните активности од изборната кампања.
Потсетуваме дека сите радиодифузери коишто одлучиле да ги покриваат изборите, според Изборниот законик, се должни тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма. Без оглед на јазикот на кој го емитуваат својот програмски сервис, на учесниците во кампањата треба да им овозможат подеднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми, бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање.
Избалансирано покривање на изборниот процес треба да обезбедат во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници. Овој принцип важи за сите облици на изборно медиумско претставување, освен за платеното политичко рекламирање.
Имајќи предвид дека со почетокот на изборната кампања се регистрира пожестока реторика во настапите на учесниците во изборниот процес, Агенцијата апелира медиумите да внимаваат при емитувањето изјави со потпалувачки говор или дури и со елементи на говор на омраза. Ваквите изјави треба да бидат соодветно контекстуализирани, а медиумите да се оградат од нив.



Accessibility

Accessibility