ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ БАЛАНС ВО ПОСЕБНИТЕ ИНФОРМАТИВНИ ЕМИСИИ

Скопје, 02.07.2020. – До Агенцијата вчера пристигна Претставка од Демократската унија за интеграции – ДУИ во која таа реагира на организирањето дебатни емисии на програмите на медиумите.

Агенцијата веднаш направи увид во податоците од мониторингот на досегашното изборно медиумско претставување, при што и радиодифузерите и учесниците во изборната кампања ги потсетува на следново:

Радиодифузерите,  доколку одлучат да емитуваат  дебати и други видови посебни информативни емисии (соочувања, интервјуа, актуелно – информативни емисии, специјализирани  емисии итн.), треба да обезбедат подеднаков пристап и правичност, избалансираност и непристрасност. Во овие емисии, балансот, се постигнува со почитување на принципот на пропорционалност според бројот на потврдени кандидатски листи, што значи дека радиодифузерите се должни да ги канат сите учесници коишто имаат ист број на листи со потврдени кандидати, без оглед дали станува збор за парламентарни или вонпарламентарни субјекти,  и без оглед на јазикот на кој ја емитуваат програмата. За форматот на овие емисии – соочување (меѓу двајца) или дебатa (меѓу повеќемина), одлучуваат самите радиодифузери во согласност со својата независна уредувачка политика.

Оценката дали се исполнети овие обврски се извлекува по завршување на кампањата, не за секоја поединечна емисија, туку за серијата интервјуа, дебатни емисии или соочувања што радиодифузерот ќе ги организира во текот на изборната кампања.

Досегашниот мониторинг покажува дека има радиодифузери кои треба да вложат дополнителен напор и да ги поканат сите субјекти со ист број на листи за да обезбедат баланс во дебатите до крајот на кампањата. Од друга страна, има случаи во кои учесниците во изборната кампања одбиваат да учествуваат во дебатни емисии на некои медиуми. Радиодифузерите ова треба да го соопштат во емисијата и воедно, треба да внимаваат колку пати ќе ја репризираат дебатата за да не создадат дисбаланс.

Во овој контекст и имајќи предвид дека овие избори се организираат во услови на пандемија, Агенцијата апелира до учесниците во изборната кампања да учествуваат во посебните информативни емисии зашто тие се еден од начините како граѓаните директно да се информираат за нивните изборни програми и да ја споредат понудата.



Accessibility

Accessibility