Одржана работилница за справување со говорот на омраза кај медиумите и онлајн платформите

Скопје, 21 март 2024 – Вчера во рамки на Твининг проектот “Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Јавниот радиодифузен сервис”, се одржа работилницата „Справување со говорот на омраза кај медиумските услуги и онлајн платформите“, наменета за членките на Мрежата против говор на омраза во медиумите и вработените во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во воведното обраќање директорот на АВМУ, д-р Зоран Трајчевски, посочи дека Агенцијата, во последниве 6 години, нема констатирано говор на омраза за кој е одговорна телевизија или радио, но дека тоа не значи дека говорот на омраза не е присутен на други медиуми. „Агенцијата активно се справува со говорот на омраза веќе долго време и знаеме колку е тешко да се утврди говор на омраза и да се постапи против оние што го шират, и затоа сметаме дека е важно што денеска овде се присутни повеќе различни чинители кои се борат против говорот на омраза – секој од свој аспект“ истакна Трајчевски.

Извршната директорка на Советот за етика во медиумите во Македонија и координаторка на Мрежата против говор на омраза во медиумите, Билјана Георгиевска, потенцираше дека има значителен пораст на пријави и донесени одлуки од Комисијата за жалби при Советот, кои што се однесуваат на говор на омраза на интернет просторот, посебно во делот на коментарите на социјалните мрежи. Па оттаму од голема важност е да се слушнат европските практики кои можат да бидат од помош во борбата против говорот на омраза.

За иницијативите и препораките на Советот на Европа и на Обединетите нации за справување со говор на омраза во медиумите и на онлајн платформите говореше д-р Александер Шафер од Федералното министерство за правда на Сојузна Република Германија, потсетувајќи и на обврските од Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Клер Мозелаге од истата институција ги сподели новите правила кои важат за интернет просторот и за влијанието на Регулативата за дигитални услуги на Европската Унија (Актот за дигитални услуги) во борбата против говорот на омраза.

Искуства за регулаторниот пристап, на настанот сподели д-р Нилс Шулте од Федералната канцеларија за правда на Сојузна Република Германија, кој се осврна на процесот за усогласување на социјалните мрежи и платформите за споделување на видеа со европската регулативата за говор на омраза и на предизвиците со кои се соочуваат во текот на регулацијата на интернет платформите.

Презентациите од настанот се достапни на линковите:

д-р Александер Шафер, Федерално министерство за правда на Сојузна Република Германија: „Говор на омраза во медиумите и онлајн платформите – иницијативи на меѓународно и национално ниво“

Клер Мозелаге, Федерално министерство за правда на Сојузна Република Германија:Новите правила на интернет – влијанието на Регулативата за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) во борбата против говорот на омраза“

д-р Нилс Шулте, Федерална канцеларија за правда на Сојузна Република Германија: Како да се постигне усогласеност на онлајн платформите со регулативата за говор на омраза – искуства на надлежен орган“



Accessibility

Accessibility