Неточни се наводите на ТВ 24 Вести дека Агенцијата постапувала незаконски

Скопје, 1 септември 2026 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги отфрла како неточни и тенденциозни наводите со кои ТВ 24 Вести се обидува да создаде впечаток во јавноста дека Агенцијата незаконски ги доверувала изработките на студиите за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за телевизија на надворешни субјекти и дека со тоа ги злоупотребувала своите законски надлежности.

Студиите се стручно изработени и се засноваат на релевантни стручни и методолошки основи. Тоа што нивните наоди и резултати не одговараат на  очекувањата и интересите на ТВ 24 Вести не може да биде причина оваа телевизија во континуитет селективно да презентира одделни факти и околности и на тој начин да ја доведува јавноста во заблуда за постапувањето на Агенцијата. Ваквото однесување е спротивно на основната обврска на медиумот да ја информира јавноста точно, целосно и објективно.

За целосно и точно информирање на јавноста, потребно е да се појасни дека Агенцијата и во претходни години, спроведувала постапки за набавка на услуги за изработка на студии, согласно Законот за јавните набавки. Овие постапки беа предмет на ревизија од надлежна институција без при тоа да биде утврдена слабост во постапувањето на Агенцијата. Истите, беа и предмет на неколку судски постапки иницирани од ТВ 24 Вести, при што во претходните постапки Управниот суд ја потврдил законитоста на постапувањето на Агенцијата.

Оттука, неточни и неосновани се наводите дека самото ангажирање на надворешни субјекти за изработка на студии претставувало незаконско постапување. Напротив, во претходни постапки, и Управниот суд и Вишиот управен суд потврдиле дека ваквото постапување на Агенцијата било во согласност со закон.

Во последната судска постапка, судот дал правно мислење дека студиите од овој вид во иднина треба да ги изработува самата Агенција, по што Агенцијата постапила согласно со таквата одлука. Меѓутоа, оваа одлука не  значи дека претходното ангажирање на надворешни субјекти било незаконско, ниту пак дека со таквото постапување настанала злоупотреба на службената положба, финансиска малверзација или финансиска штета за Агенцијата.

Особено е важно да се нагласи дека во објавените информации се остава впечаток дека одлуките за прашањата поврзани со објавувањето јавни конкурси ги носи директорот на Агенцијата. Тоа не одговара на законската поставеност. Согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, одлуките од надлежност на Агенцијата ги донесува Советот на Агенцијата, на предлог на директорот, во рамките на неговите законски овластувања.

Во однос на поднесената кривична пријава, Агенцијата нема да прејудицира постапки што се во надлежност на други институции. За нив, можат да одлучуваат исклучиво надлежните институции, во соодветна постапка и врз основа на утврдени факти и докази. До тогаш, изнесувањето на неосновани квалификации за наводна вина или незаконско постапување претставува прејудицирање и неоправдано нанесување штета на угледот на Агенцијата како независно регулаторно тело.



Accessibility

Accessibility