Родот во медиумите за Локалните избори 2025 во фокусот на третиот јавен состанок на АВМУ

Скопје, 21 септември 2026 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска го одржа третиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, издавачите на онлајн медиуми-интернет портали, изречените мерки јавна опомена, изработените анализи и студии, активностите на полето на меѓународната соработка и европската интеграција.

На состанокот беа презентирани и наодите од истражувањето Родот во медиумите 2025: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во медиумската кампања за Локалните избори во 2025 година, кое за потребите на АВМУ го изработи маркетинг агенцијата Маркет Вижн. Анализата на изборното известување во централните дневници на МРТ 1 и МРТ 2, како и на платеното политичко рекламирање во форма на спотови со сценарио и спотови со снимки од партиски настани кај националните комерцијални телевизии Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител и Телма, покажа дека жените и мажите не беа еднакво застапени во улогите на носител(к)и на политичките пораки. Во сите анализирани потпримероци мажите доминираа меѓу примарните субјекти, односно лицата кои имаа централна улога во политичката комуникација.

Од вкупно 791 регистрирано појавување на примарни субјекти во изборните прилози на Јавниот сервис, жените учествуваа со 103 појавувања (13,0%), додека мажите со 688 појавувања (87,0%). Слична родова нерамнотежа беше регистрирана и во ППР спотовите на комерцијалните телевизии. Од вкупно 588 појавувања на примарни субјекти, 64 беа жени (10,9%), а 524 мажи (89,1%). Најизразена нерамнотежа кај комерцијалните телевизии беше забележана во ППР спотовите со снимки од партиски настани, каде што од вкупно 44 регистрирани појавувања на примарни субјекти немаше ниту едно појавување на жена. Кај ППР спотовите со сценарио, жените учествуваа со 64 од вкупно 544 појавувања (11,8%), што укажува на нивна значително помала застапеност и во овој тип политичко рекламирање.

Родовата неизбалансираност беше посебно изразена кај најекспонираните политички улоги, особено кај кандидат(к)ите за градоначалници/чки и партиските лидер(к)и, додека кај кандидат(к)ите за советници/чки застапеноста беше поизбалансирана. Истовремено, анализата не идентификуваше случаи на сексуална објективизација или експлицитна родова дискриминација. Целата анализа е достапна на веб страницата на Агенцијата на следниот линк.

Презентацијата за реализираните активности на АВМУ согласно Годишната програма за работа за периодот јули-септември 2026 е достапна на линкот



Accessibility

Accessibility