Скопје, 19.6.2026 година – На 23. седница, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изрече мерка јавна опомена на Друштвото за телекомуникациски услуги Фивенет ДОО Скопје поради прекршување на член 141 став 13 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со извршениот програмски надзор беше утврдено дека операторот на 9 јуни 2026 година го реемитувал програмскиот сервис „Al Jazeera“, кој не е опфатен со потврдата за регистрација на програмски сервиси издадена од Агенцијата. На операторот му е наложено веднаш по приемот на Решението за јавна опомена да го усогласи своето работење со законските одредби.

Мерка јавна опомена беше изречена и на Трговското радиодифузно друштво Телевизија Плус ДОО Куманово поради прекршување на член 15 став 6 од Законот за медиуми. При административниот надзор беше констатирано дека радиодифузерот во законски утврдениот рок не доставил писмен извештај за спроведувањето на обврските утврдени во дозволата за телевизиско емитување, ниту информација за техничките средства преку кои се емитува или реемитува програмскиот сервис. На радиодифузерот му е наложено во рок од 45 дена од приемот на Решението за јавна опомена да го усогласи своето работење со Законот за медиуми.

Советот ја разгледа и Информацијата во врска со Изјаснувањето по Писмениот извештај од административен надзор од страна на издавачот на онлајн медиумот – интернет порталот „Нова Македонија“ и заклучи дека во конкретниот случај не постојат доволно основи за изрекување мерка јавна опомена за Друштвото за производство, промет и услуги Репро Принт ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.

На седницата беше одложено разгледувањето на Предлог-одлуката за утврдување листа на настани од големо значење за јавноста на Република Северна Македонија. Точката ќе биде разгледана на првото продолжение на 23. седница.



Accessibility

Accessibility