1

Хроника од 35-та седница

Скопје, 11.11.2015г. – На денешната седница, Советот на Агенцијата одлучи да донесе заклучок Агенцијата да поведе иницијатива до законодавно-правната комисија во Собранието на Република Македонија за автентично толкување на член 39 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во смисла на тоа:

  • Дали физичките или правните лица кои се основачи односно содружници на правните лица кои се основачи односно содружници на радиодифузерите, се смета дека се основачи односно содружници на радиодифузери, и
  • Дали правните лица кои вршат некоја од дејностите наведни во членот 39 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги може да се јавуваат како сопственици на удели кај радиодифузерите. 

Советот донесе одлука со која даде одобрение на директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за потпишување на Анекс бр.3 и Анекс бр.4, кон Договорот за градење на административниот објект „Палата Панко Брашнаров“.    




Хроника од 34-та седницa

Скопје, 06.11.2015г. –  По поднесено известување за промена на сопственичка структура, Советот на Агенцијата донесе одлука со која се дозволи промена на сопственичката структура на ТРД РАДИО АКТУЕЛ Битола ДООЕЛ, со оглед на тоа што со предложените промени не се создава недозволена медиумска концентрација.

По претходно констатирано прекршување на член 38 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од страна на ТРД РАДИО СВЕТИ НИКОЛЕ ДОО Свети Николе и ТРД РАДИО ОХРИД ДОО Охрид, Агенцијата им наложи на овие две радиостаници да ја усогласат својата сопственичка структура, во смила на тоа дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија Ц.О. Скопје поседува удели кај овие две радиостаници. Агенцијата донесе Заклучок за одложување на понатамошното постапување по донесените одлуки за утврдување повреда на забрана на членот 38 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од страна на ТРД РАДИО СВЕТИ НИКОЛЕ ДОО Свети Николе и ТРД РАДИО ОХРИД ДОО Охрид, се до исходот од најавените активности од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија Ц.О. Скопје и Министерството за општество и администрација.  

Донесено е Нацрт-Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на мерење на гледаност и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија. Со предложените измени ќе се овозможи предмет на вакво мерење да бидат и други телевизиски станици кои ќе покажат интерес, ќе се избрише од текстот на Упатството формирањето на Асоцијацијата на огласувачи во Република Македонија, договорот со избраната агенција ќе се зголеми од 5 на 7 години и ќе се утврди начинот на којшто ќе се пресметува надоместокот кој ќе го плаќаат членовите на Комитетот и трети заинтересирани страни. Текстот на Нацрт-Упатството е ставен на јавна расправа, со траење од 30 дена.   

Советот даде одобренија Директорот на Агенцијата да донесе: одлука со која од сметководствената евиденција на Агенцијата ќе се отпише долгот на ТРД операторот на кабелска мрежа „ТО-МИ“ ДООЕЛ Радовиш; одлука за распишување на оглас за засновање работен однос на определено време за замена на привремено отсутен работник до негово враќање и за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за јавна набавка – стока: Набавка на уметнички слики.




Хроника од 32-та седница

Скопје, 16.10.2015г.  Советот на Агенцијата даде одобрение на директорот на Агенцијата да донесе Одлука за зачленување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Меѓународната стопанска комора Македонија (International Chamber of commerce Macedonia).

Воедно, ја усвои и Информацијата за потребата од измена на техничката спецификација за јавната набавка: ISO Сертификација и даде одобрение за спроведување на 2 (две) постапки за јавни набавки за следниве предмети: одржување на противпожарна спринклер инсталација и интернет конекција со хостирање на веб страницата на Агенцијата.  




Хроника од 31-та седница

Скопје, 08.10.2015г. – Агенцијата ја усвои Информацијата за спроведена анализа на предметот за отпис на долг на Друштвото за производство, промет и услуги „ЕРА КОМПАНИ“ ДООЕЛ Скопје кон Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Советот на Агенцијата на денешната седница даде одобрение на Директорот на Агенцијата за обнова на два кориснички пристапи до електронската база на прописи на „Службен весник на Република Македонија“; за уплата на средства заради овозможување пристап до податоците на Интернет дистрибутивниот систем на Централниот регистар на Република Македонија и за спроведување на постапки за две  јавни набавки: „Изработка на студија со која ќе се утврди оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво, од аспект на исполнување на целите на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од аспект на потребите на публиката (преку спроведено истражување на мислењето на публиката)“ и за набавка на горива за службените возила на Агенцијата.




Хроника од 30-та седница

Скопје, 30.09.2015г. – Со цел да се започнат постапки за јавни набавки кои се во согласност со Годишниот план за јавни набавки за 2015 година на Агенцијата, на денешната седница Советот даде одобрение Директорот на Агенцијата, да ги спроведе следниве постапки: за услуга – Анализа на родовите во програмските концепти и содржини на средствата за јавно информирање, за набавка на стока: службена облека и обувки за вработените лица, набавка и монтажа на автомобилски гуми и дополнителна опрема за службено возило и за повторна (втора) продажба на движна ствар – патничко моторно возило.




Хроника од 29-та седница

Скопје, 18.09.2015г. – На вчерашната седница, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесе Одлука за доделување дозвола за телевизиско емитување на програмски сервис преку ЈЕКМ што не користи ограничен ресурс на државно ниво на Сеад Кочан од Скопје и Одлука за доделување дозвола за телевизиско емитување на програмски сервис преку ЈЕКМ што не користи ограничен ресурс на регионално ниво на ТРД Телеканал А1 ДООЕЛ Скопје.

Советот на Агенцијата даде одобрение за исплата на средства за национално кофинансирање за проектот на Агенцијата од IPA TAIB 2009 – „Зајакнување на административните капацитети на регулаторните тела за телекомуникација и медиуми за ефикасно регулирање на новите дигитални и повеќенаменски сервиси“.

Со цел спроведување на јавни набавки, Советот даде одобрение Директорот на Агенцијата да спроведе постапки за ИСО Сертификација, за изработка на студија (преку спроведено истражување на мислење на публиката), за услугата систематски прегледи на вработените во Агенцијата и Одлука за набавка на разводна табла со опрема за автоматско вклучување/исклучување на фасадно осветлување за деловен објект.

Донесен е и Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за службена облека и обувки на вработените во Стручната служба на Агенцијата.




Хроника од 28-та седница

Скопје, 11.09.2015г. – На вчерашната седница, Советот на Агенцијата ја усвои Програма за поттикнување на медиумската писменост во Република Македонија, која е во согласност со обврската на Агенцијата од членовите 2, 6 и 26 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Донесен е заклучок за запирање на покрената постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД Телевизија Ирис ДОО Штип. Со цел да се започнат постапки за јавна набавка, Советот донесе одлука за ребаланс на финансискиот план за 2015 година на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и даде одобрување за изменување и дополнување на Годишниот план за јавни набавки во 2015.  




Хроника од 27-та седница

Скопје, 02.09.2015 година На 27-та седница, Советот на Агенцијата даде одобрение да се донесе Одлука за избор на фирма,за набавка на проекторско платно со далечински управувач.




Хроника од 26-та седница

Скопје, 26.08.2015 година Советот на Агенцијата, на 26-та седница покрена постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД Телевизија Ирис ДОО Штип, поради тоа што радиодифузеротне го платил во целост надоместокот за дозволата во законски утврдениот рок.




Хроника од 25-та седница

Скопје, 20.08.2015г. – На денешната седница, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесе Одлука за доделување дозвола за телевизиско емитување на програмски сервис преку ЈЕКМ што не користи ограничен ресурс, на регионално ниво на ТРД ТВ КОБРА ДОО Радовиш и Одлука со која се дозволи промена на сопственичката структура на ТРД РАДИО СВЕТИ НИКОЛЕ ДОО Свети Николе. Со цел спроведување на јавна набавка, Советот даде одобрение на Директорот на Агенцијата за изменување на одлуката за потреба на јавна набавка – печатарски услуги. Советот даде одобрување на Одлуките на Директорот на Агенцијата за избор фирма за изработка на фолдери и информативни плочки и за продажба на движна ствар преку електронски систем за јавно надавање.