ТЕЧАТ РОКОВИТЕ ЗА РЕГИСТРАЦИЈА ВО ДИК И ЗА ДОСТАВУВАЊЕ ЦЕНОВНИЦИ ЗА ППР

Скопје, 04 октомври 2020 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги информира медиумите дека почнаа да течат роковите за регистрација во ДИК и за доставување ценовници за Предвремените избори за градоначалник на општина Пласница и општина Штип кои ќе се одржат на 13 декември 2020 година.

Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), доколку обезбедуваат платено политичко рекламирање (ППР) за предвремените избори за градоначалник на општина Пласница и општина Штип, се должни да се регистрираат во Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 24 часот на 05 октомври, за што треба да поднесат барање за упис, со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Македонија, не постара од 30 дена. Барањата се поднесуваат на електронската адреса: izbori@sec.mk или пак во архивата на ДИК. Медиумите коишто нема да се регистрираат во ДИК, нема да имаат право да користат финансиски средства за ППР, обезбедени од Буџетот на државата.

Исто така, медиумите се должни во рок од пет дека од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес и најдоцна до 07 октомври да ги достават до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата, а радиодифузерите и до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ценовниците не смеат да се менуваат до конечното завршување на изборниот процес, а цените не смеат да ја надминуваат просечната цена на рекламирање пресметана во последните пет изминати изборни циклуси.

Државната изборна комисија веќе ја утврди и ја објави на својата веб страница просечно постигнатата цена и најниската цена за ППР кај радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите). Во периодот од утврдување на ценовниците до почетокот на изборната кампања, радиодифузерите, печатените медиуми и интернет порталите се должни најмалку двапати јавно да ги објават ценовниците на своите програми, односно во своите изданија или интернет страници, најдоцна до 20 ноември 2020 година.



Accessibility

Accessibility