Јавен состанок 2020 година (25.09.2020 трет квартал)

Агенцијата одржа јавен состанок за активностите во третиот квартал од 2020 година

Скопје, 25 септември 2020 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес одржа јавен состанок, кој поради актуелната состојба со корона вирусот, се реализираше преку видео конференциска врска. На состанокот, директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски, направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со мониторингот на изборниот процес за Предвремените парламентарни избори, спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми и давателите на АВМУ по барање, изречените мерки јавна опомена, изработените анализи и студии, активностите на полето на меѓународната соработка.

На состанокот беа презентирани резултатите од Студијата „Утврдување на влијанието на новите медиуми врз формирањето на јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми“, која за потребите на Агенцијата ја изработи истражувачки тим на Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС од Скопје. Во Студијата меѓудругото се обезбедени податоци за тоа колку публиката ги користи традиционалните и онлајн медиумите, за што најчесто ги користи, какви се ставовите на публиката во врска со традиционалните и онлајн медиумите и др. Студијата е дел од активностите предвидени во акцискиот план за реализација на Регулаторната стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната медиумска дејност за периодот од 2019 до 2023 година.

На крајот на состанокот беа презентирани клучните наоди од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2019 година, која што Агенцијата ја изработи за да се обезбедат сознанија за состојбите во индустријата, како и за економските перформанси на субјектите на пазарот. Во неа засебно се анализирани податоците за економските перформанси на телевизиите и на радиостаниците, а согласно релевантните географски пазари засебно се претставени податоците за работењето на радиодифузерите кои емитуваат програма на национално, регионално и на локално ниво. Вкупните приходи во индустријата во 2019 година изнесувале 2.432,95 милиони денари. Од нив, 38% се приходите на јавниот сервис, 56% на комерцијалните телевизии и 6% на комерцијалните радиостаници. Вкупните трошоци во индустријата изнесувале 2.963,34 милиони денари, што е за 16,78% повеќе отколку во претходната година.

Добиените ставови и мислења и ставот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за јавниот состанок, можат да се преземат на следниот линк

Презентациите се достапни на следните линкови:

Спроведени активности согласно Годишната програма за работа на АААВМУ

д-р Зоран Трајчевски, директор на АААВМУ

Студија “Утврдување на влијанието на новите медиуми врз формирањето на јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми“

 м-р Ѓорѓи Митревски, РЕСИС

Клучни наоди од Анализа на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2019 година

Сања Г. Здравковска, АААВМУ


– Агендата за јавниот состанок на Агенцијата може да се преземе на следниот линк

– Пријавата за учество на јавниот состанок на Агенцијата може да се преземе на следниот линк



Accessibility

Accessibility