СКОПЈЕ, 4 мај 2009 – На денешната седница членовите на Советот за радиодифузија (СРД) по повод меѓународниот Ден на слободата на медиумите упатија апел до сите медиумски професионалци да истраат во напорите за демократизација и натамошна професионализација на медиумите.
Нагласувајќи ја важноста на медиумите во општеството, претседателот на СРД, Зоран Стефаноски рече: „Слободата на изразување и одговорноста на јавно искажаниот збор се и треба и понатаму да бидат основа на градење на демократски амбиент во државата.“
„Делумната слобода на медиумите во Македонија, изнесена во последниот извештај на Фридом Хаус, треба да претставува поттик за унапредување на сферата на медиумите во Македонија.“
Членовите на СРД нагласија дека од исклучителна важност е и самите новинари да истраат во напорите за професионално новинарство за што ја имаат и поддршката од Советот за радиодифузија во рамките на неговите законски надлежности.