13 мај 2009, СКОПЈЕ – Советот за радиодифузија (СРД) на денешната седница ја разгледуваше актуелната состојба во радиодифузната сфера, констатирајќи дека и натаму се присутни притисоци врз одлуките и политиката на регулаторното тело при што се употребуваат шпекулации и неаргументирано се врши атак врз неговата независност.
Советот, којшто неодамна беше докомплетиран со уште тројца нови членови, ја оцени како исклучително успешна работата во изминатиот период, кога работеше на границата на кворум, а се соочуваше со големи притисоци од разни страни како и со крупни предизвици, какви што беа двата изборни процеси.
Потврда за тоа е и фактот дека Советот за својата досегашна работа ги има добиено највисоките оценки од меѓународните институции и јавноста, придонесувајќи за позитивните оценки за Република Македонија во извештаите за нејзиниот напредок во процесот на асоцирање со Европската унија.
Но, и покрај тоа, Советот и неговиот претседател во изминатиот период беа изложени на жестоки професионални и лични напади.
Советот за радиодифузија изрази решителност да продолжи совесно и професионално да ги остварува своите стратешки цели и доследно да ги спроведува законите и зацртаната политика со што ќе ја задржи и зацврсти својата независност.