02.11.2009г. СРД ги повика операторите на телекомуникациски мрежи да ги почитуваат авторските права

image_pdfimage_print
Најновиот мониторинг на кабелските оператори забележа подобрување на состојбата со почитувањето на авторските права.

Скопје, 2 ноември, 2009 – Советот за радиодифузија на Република Македонија (СРД) повикува на доследна имплементација на законските одредби за почитување на авторските и сродните права при реемитување на странски телевизиски канали во Македонија.

Најновиот мониторинг на кабелските оператори забележа подобрување на состојбата со почитувањето на авторските права. Сепак, за да се минимизира можноста од нелегално пренесување на аудио-визуелни содржини низ мрежите на телеком-операторите, деталниот мониторинг и понатаму ќе остане една од приоритетните активности на Советот.

„Кабелските оператори и останатите оператори на јавни комуникациски мрежи не смеат да реемитуваат телевизиски и радио канали за коишто ги немаат регулирано авторските права за нивно реемитување на територијата на Република Македонија. Во спротивно се соочуваат со законски санкции.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.

„Исто така се прекршок и повремените вклучувања и исклучувања на странски канали без уредени авторски права или за кои договорите за уредени авторски права се истечени. Со ова граѓаните се доведуваат во заблуда дека овие програмски сервиси се составен дел од програмските пакети на операторите на јавни комуникациски мрежи, како што беше случајот со албанската телевизија ’Top Channel’.“

СРД оваа година си постави за задача да го подигне нивото на заштита на авторските и сродните права во сферата на радиодифузната дејност.



Accessibility

Accessibility