09.11.2009г. СРД побара поместување на времето на емитувањето на Големиот брат за по 22 часот

image_pdfimage_print

Директните вклучувања во живо во „Големиот брат“ смеат да се емитуваат само во периодот од 22:00 до 05:00 часот.


СКОПЈЕ, 9 ноември 2009 – Поради опасноста од негативно влијание врз малолетната публика, Советот за радиодифузија (СРД) одлучи термините на директните вклучувања во реалното шоу „Големиот брат“ што се емитува на телевизиите А1 и А2, да се помести по 22:00 часот.

Анализата на овие телевизиски емисии утврди зачестени описи и сцени на еротика, непристоен говор и поведение, што е навредливо за човековото достоинство и што според Правилникот за заштита на малолетната публика, налага категоризација на овие програмски содржини за публика постара од 16 години.

„Директните вклучувања во живо во „Големиот брат“ смеат да се емитуваат само во периодот од 22:00 до 05:00 часот. Однапред снимените и монтирани емисии во склоп на серијалот (дневниот преглед и „Голем брат – голем мозок“) како и прилозите во другите емисии – како што е „Ексклузив“ мораат да бидат прилагодени на периодот во кој се емитуваат или да бидат поместени меѓу 22:00 и 05:00 часот.“ – заклучи Советот за радиодифузија.

„Сите прилози/директни вклучувања треба да бидат означени со соодветната предупредувачка сигнализација за односната категорија согласно член 12 од Правилникот за заштита на малолетната публика.“

Сите останати емисии и форшпани, кои би се емитувале во периодот меѓу 05:00 и 22:00 часот во текот на денот со прилози или исечоци од „Големиот брат“ не смеат да содржат описи, сцени и/или глетки, потенцијално штетни за малолетната публика.

Советот за радиодифузија исто така побара од ТВ А1 терминот на квизот „Момент на вистината“, да биде поместен по 22:00 часот од истите причини и со истите забелешки за содржината на исечоците и најавите на емисиите, емитувани во текот на денот.



Accessibility

Accessibility