Во Македонија за првпат се воведува дигитален безжичен пренос на телевизиски содржини од стандардот DVB-T (Digital Video Broadcasting – Terrestrial), којшто ќе го замени досегашниот аналоген пренос на телевизискиот сигнал.
СКОПЈЕ, 11 ноември 2009 – 40 домашни и странски телевизиски канали содржи програмскиот пакет на првиот оператор на јавна комуникациска мрежа за дигитален безжичен пренос, “Digi Plus Multimedia”, што денеска го регистрираше Советот за радиодифузија (СРД).
Во Македонија за првпат се воведува дигитален безжичен пренос на телевизиски содржини од стандардот DVB-T (Digital Video Broadcasting – Terrestrial), којшто ќе го замени досегашниот аналоген пренос на телевизискиот сигнал.
„Од денеска официјално започнува првата фаза од дигитализацијата на аналогните телевизиски мрежи, односно периодот на паралелен дигитален и аналоген пренос. Оваа фаза ќе трае се’ до целосното исклучување на аналогниот пренос. Овој настан може да се спореди со времето кога од црно-бело емитување светот на телевизијата преминуваше во емитување во боја“ – рече претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Стефаноски.
Дигиталниот телевизиски пренос нуди зголемување на бројот на каналите што се емитуваат безжично, големо подобрување на квалитетот на сликата, избор на повеќејазични преводи и други поволности.