02.12.2009г. Конкурс за телевизија преку кабел

image_pdfimage_print

Се објавува конкурс за доделување 3 (три) дозволи за вршење радиодифузна дејност за емитување и пренос на телевизиски програмски сервиси на локално ниво…


Република Македонија
Совет за радиодифузија
Бр. 07-4047/1
02.12.2009 година
С к о п ј е

Врз основа на член 44, а во согласност со член 45, 46 и 47 од Законот за радиодифузната дејност (Службен весник на РМ бр.100/05, 19/07, 103/08, 152/08) и Заклучокот на Советот бр.02-4023/3 од 02.12.2009 година, на 23-та седница одржана на 02.12.2009 година, Советот за радиодифузија на РМ ја донесе следната

О Д Л У К А

за објавување конкурс за доделување дозволи

за вршење радиодифузна дејност

(телевизија преку кабел) на локално ниво

1. Се објавува конкурс за доделување 3 (три) дозволи за вршење радиодифузна дејност за емитување и пренос на телевизиски програмски сервиси на локално ниво преку јавна комуникациска мрежа – кабел (во понатамошниот текст: дозволи), и тоа за:

– Дебар, 1 (една) дозвола, на албански јазик;

– Прилеп, 1 (една) дозвола, на македонски јазик;

– Струга, 1 (една) дозвола, на македонски јазик.

2. Телевизиските програмски сервиси на локално ниво, наведени во точка 1 на оваа Одлука, ќе бидат од општ формат1 и ќе се емитуваат и пренесуваат преку јавна комуникациска мрежа (кабел).

3. Дозволите ќе се доделат за временски период од 9 (девет) години и истите не можат да се пренесуваат на други лица.

4. Условите и барањата што кандидатите треба да ги исполнуваат за вршење на дејноста како и критериумите за споредување и вреднување на пријавите и нивната тежина при оценувањето, се содржани во конкурсната документација која содржи општи, технички, продукциски, програмски и други услови, чиј текст е составен дел на оваа Одлука (Прилог 1)2.

5. Основните технички услови, стандарди и параметри за емисиониот дел одредени во согласност со Законот за електронските комуникации (Службен весник на РМ, бр. 13/05, 14/07, 55/07, 98/08), се содржани во конкурсната документација и во Потврдата за извршена регистрација со запишување во службената евиденција во Агенцијата за електронски комуникации.

6. За дозволите се плаќа годишен надоместок за секоја тековна година, почнувајќи од датумот на доделувањето на дозволата, на сметката на Советот за радиодифузија.

Висината на годишниот надоместок за дозволите, Советот за радиодифузија ќе ја пресметува согласно член 60 од Законот за радиодифузната дејност на почетокот на секоја календарска година.

7. Дотурот на сигналот на телевизиските програмски сервиси, наведени во точка 1 на оваа Одлука, од телевизиското студио на радиодифузерот до седиштето на операторот на јавна комуникациска мрежа, може да се врши: со линк со користење на радиофреквенции; со коаксијален или оптички кабел без користење на радиофреквенции, и преку интернет без користење на радиофреквенции.

Кога дотурот на сигналот се врши со линк со користење на радиофреквенција во фиксна служба, се плаќа годишен надоместок пресметан според Правилникот за начинот на пресметка на годишниот надоместок за користење на радиофреквенции, донесен од страна на Агенцијата за електронски комуникации (Службен весник на РМ, бр. 02/08), и се издава одобрение од Агенцијата за електронски комуникации. Надоместокот се плаќа на сметка на Агенцијата за електронски комуникации за секоја тековна година, почнувајќи од датумот на издавањето на Потврда за извршената регистрација со запишување во службената евиденција во Агенцијата за електронски комуникации.

Кога дотурот на сигналот се врши со коаксијален или оптички кабел без користење на радиофреквенции, и кога дотурот на сигналот се врши преку интернет без користење на радиофреквенции, не се плаќа годишен надоместок за користење на радиофреквенции, и не се издава одобрение од Агенцијата за електронски комуникации.

8. За техничките параметри што не се определени со оваа Одлука и со конкурсната документација, кандидатите се должни (по подигањето на документацијата од Советот и добивањето на потврда од Советот за подигнатата документација) да се обратат во Агенцијата за електронски комуникации, каде ќе ги добијат деталните технички параметри, кои се составен дел на конкурсната документација и според кои ќе треба да се изработи техничкиот елаборат за начинот на дотур и дистрибуција на сигналот до и преку јавна комуникациска мрежа.

Пријавувањето на кандидатите во Агенцијата за електронски комуникации треба да биде со истиот назив како и во Советот за радиодифузија.

9. Кандидатите на Конкурсот поднесуваат пријави на посебен образец чија форма и содржина ги пропишува Советот за радиодифузија.

Општите, техничките, продукциските, програмските и другите услови кои се составен дел на конкурсната документација и образецот – Пријава, можат да се подигнат во Советот за радиодифузија на Република Македонија, бул. “Маркс и Енгелс” бр.3, Скопје.

За документацијата се плаќа надоместок во износ од 5.000,00 денари на жиро сметка: 300000000618023, Банка депонент: Комерцијална банка А. Д. Скопје.

10. Пријавата се поднесува до Советот за радиодифузија на Република Македонија, на адреса: бул. “Маркс и Енгелс” бр. 3, Скопје, со назнака “Пријава за конкурс за доделување дозвола за вршење радиодифузна дејност (телевизија преку јавна комуникациска мрежа – кабел)”.

Пријавата, со придружната документација, се поднесуваат во 2 оригинални (два) оригинални примерока.

11. Пријавата може да се достави препорачано по пошта или со предавање во архивата на Советот за радиодифузија.

12. Пријавата за учество на Конкурсот се поднесува во рок од 50 (педесет) дена.

Рокот за поднесување на пријавите тече од првиот нареден ден од денот на објавувањето на оваа Одлука во “Службен весник на РМ”.

Пријавите се поднесувааат во рокот определен со оваа Одлука на начин, форма и со содржина предвидена во конкурсната документација со Општите, техничките, продукциските, програмските и другите услови.

Пријавите што ќе бидат поднесени по истекот на рокот определен со оваа Одлука и нема да бидат подготвени и доставени според условите утврдени во конкурсната документација, односно со Општите, техничките, продукциските, програмските и другите услови нема да бидат разгледувани.

13. Оваа одлука се објавува во “Службен весник на Република Македонија”, на веб-страницата на Советот за радиодифузија на Република Македонија и во најмалку два дневни весника, а влегува во сила од првиот нареден ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Совет за радиодифузија на Република Македонија

Претседател,

Зоран СТЕФАНОСКИ, с.р.



Accessibility

Accessibility