22.12.2009г. Соопштение за јавност

Советот за радиодифузија на денешната седница го разгледа Извештајот од мониторингот на телевизиските емисии наменети за помладата детска популација, што се емитуваат на програмите на националните медиуми. Со анализата на емисиите беше констатирано дека…


СОВЕТ ЗА РАДИОДИФУЗИЈА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Бул. Маркс и Енгелс бр. 3, 1000 Скопје
Тел. /факс 02/3103400 е-пошта: sovet@srd.org.mk

С О О П Ш Т Е Н И Е Д О М Е Д И У М И Т Е

Советот за радиодифузија им укажува на телевизиите да создаваат поквалитетни емисии за деца во кои се води сметка за детската возраст и чувствителност

СКОПЈЕ 22 декември 2009 – Советот за радиодифузија на денешната седница го разгледа Извештајот од мониторингот на телевизиските емисии наменети за помладата детска популација, што се емитуваат на програмите на националните медиуми. Со анализата на емисиите беше констатирано дека:

– обемот на емисиите за деца кои претставуваат обмислен уреднички/новинарски напор за градење телевизиски производ насочен кон децата е мал. Редок позитивен пример во овој правец е емисијата „5+“;

– жанровски, емисиите се многу почесто забавни отколку едукативни, а нивниот квалитет е низок, така што се добива впечаток дека авторите сметаат оти забавната програма не подразбира квалитет и оти емисиите за деца постојат за пополнување на програмата и создавање привид за програмска разновидност;

– со оглед на крајната искомерцијализираност на најголемиот број од нив, проследена со непочитување на правилата за рекламирање и спонзорство и со зачестена појава на прикриено рекламирање, се добива впечаток дека единствени мотиви за создавањето емисии за деца е обезбедувањето финансиски средства;

– при изборот на информации кои се емитуваат на кајрон во текот на емисиите за деца не се води сметка за тоа дали нивната содржина може да ги вознемири, па дури и да им наштети на децата (кампањи на Владата на РМ против пушењето емитувани во „Биберчиња бисерчиња“ на МТВ1, а чие лого е мртовечка глава, односно листа на болести што ги предизвикува пушењето или пак соопштението за бенефициите на лицата болни од малигни заболувања);

– однесувањето и начинот на изразување на некои од водителите (на пример, водителите на емисиите „Ај ти замижи“ и „Во светот на децата“) се сосема несоодветни за емисии чија целна публика (децата) е во период од животот кога го создава својот систем на вредности.

Советот смета дека е неопходно да им се посочи на телевизиите оти примарните цели на емисиите за деца не смеат да бидат градењето идни потрошувачи, „полнењето“ на програмата или обезбедувањето материјални средства по секоја цена. Финансискиот елемент кај комерцијалните програмски сервиси е важен, но не треба да биде и пресуден при донесувањето одлука дали и каква емисија за деца да се емитува. Многу поважен е квалитетот кој, освен што ќе исполни естетска функција, обично претставува основа за стабилна, подолгорочно достапна публика.



Accessibility

Accessibility