Студентите од Универзитетот „Гоце Делчев “ од Штип во посета на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Скопје, 12.12.2015г. – Студентите од неколку катедри на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, во рамките на практичната настава по предметот Медиумско право, вчера ја посетија Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. За време на престојот, тие се запознаа со секојдневното практично работење на Агенцијата, здобивајќи се со дополнителни знаења за регулацијата на медиумите и за работата на медиумската индустрија во Република Македонија.

Преку повеќе презентации, вработените во Агенцијата ги претставија организацијата и надлежностите на Агенцијата и зборуваа за: видовите радиодифузери; постапката за доделување дозволи за радио и телевизиско емитување; законските обврски на радиодифузерите во однос на програмата и за начинот на вршење надзор; регистрацијата на програмските пакети и надзорот врз операторите на јавни електронски комуникациски мрежи; за начинот на изрекување мерки; како и за проектите на Агенцијата од поширок јавен интерес поврзани со активностите за поттикнување на развојот на медиумската писменост, истражувањата на родовите прашања, мерките за обезбедување пристап до медиумите на лицата со сетилна попреченост и за популаризацијата на законското право за исправка и одговор на објавена информација.

Агенцијата ја поздравува заинтересираноста на студентите за стекнување нови знаења, кои ќе најдат примена во нивниот иден професионален развој и останува и понатаму отворена за соработка со сите универзитети и училишта кои имаат интерес за споделување на искуства во областа на медиумите и медиумската регулација.



Accessibility

Accessibility