Скопје, 20.10.2026 година – Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на денешната 34. седница донесе Одлука за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за радиоемитување на локално ниво, на подрачјето на општина Дебар. Станува збор за музичко-говорно радио од општ формат, на албански и македонски јазик, кое ќе се емитува на радиофреквенцијата 88,1 MHz. Дозволата ќе се додели за период од девет години и нема да може да се пренесува на друго лице.
Донесени беа и Одлуки за продолжување на дозволите за радиоемитување на Радио 99 ДООЕЛ Скопје, Буба Мара Ранко ДООЕЛ Скопје и Експрес-радио ДООЕЛ Струмица и Лајф Радио ДООЕЛ Скопје, за период од девет години, од 5 јануари 2027 до 4 јануари 2036 година.
Во делот на програмскиот и административниот надзор, на ТВ Њуз ДООЕЛ Куманово му беа изречени три мерки јавна опомена. По извршениот програмски надзор, утврдено е дека на 4 септември 2026 година телевизискиот програмски сервис не ја исполнил обврската за емитување најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела, со што е прекршен член 92 став 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со административниот надзор, на истиот датум, утврдено е и дека не биле обезбедени информациите што треба да им бидат достапни на корисниците, со што е прекршен член 51 став 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Дополнително, во дел од емитуваните програми не биле објавени податоците за импресум, задолжителни за секоја посебна програмска содржина, што претставува прекршување на член 14 од Законот за медиуми. На радиодифузерот му е наложено во рок од 20 дена од приемот на соодветните решенија да го усогласи работењето со законските одредби. По истекот на роковите, Агенцијата ќе изврши контролни надзори за да утврди дали е постапено по изречените мерки.
Советот донесе и Одлука со која се одобрува промена во сопственичката структура на Радио 106 Битола ДООЕЛ, бидејќи со предложените промени не се создава недозволена медиумска концентрација и не се прекршуваат забраните утврдени во членовите 34, 35 став 2 и 38 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Друштвото е должно промената да ја спроведе во Централниот регистар во рок од 90 дена и потоа да достави актуелна тековна состојба до Агенцијата. На седницата беше одобрена и исплата на парична помош за надоместок поради смрт на родител на вработена во Агенцијата. Средствата се обезбедени со Финансискиот план на Агенцијата за 2026 година. Во делот на јавните набавки, беше дадено одобрување за спроведување постапки за набавка на електрична енергија и канцелариски материјали, во согласност со Годишниот план за јавни набавки на Агенцијата за 2026 година, при што средствата се обезбедени со Финансискиот план за тековната година.