Скопје, 6 ноември 2026 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), во рамки на Швајцарската програма за поддршка на изборите, денеска во просториите на Агенцијата одржа обука за вработените во стручната служба на тема „Ефективна употреба на дигитални алатки и алатки поддржани од вештачка интелигенција“.
Целта беше да ги прикажат можностите и ограничувањата на вештачката интелигенција (ВИ), како таа може да придонесе за унапредување на секојдневното работење на Агенцијата, но и принципите за нејзината етичка и одговорна употреба. Преку практични примери и вежби поврзани со надлежностите на Агенцијата, учесниците имаа можност одблизу да се запознаат, како ефикасно да ги применуваат овие алатки при изработка на анализи, за откривање говор на омраза и следење на медиумите, како и за резимирање и обработка на податоци. Воедно, на обуката стана збор и за можностите и предизвиците поврзани со користењето на ВИ за автоматизиран превод и генерирање синтетички гласови.
Обуката ја спроведе меѓународниот консултант Матијас Лип-Розентал, а стекнатите знаења ќе придонесат за подобро разбирање на можностите за користење на ВИ при извршувањето на регулаторните надлежности на Агенцијата.