Скопје, 10 ноември 2026 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги укажува на сериозноста на содржините објавени на социјалната мрежа Фејсбук, насочени кон новинарката Милка Смилевска, кои, покрај навредливиот и вознемирувачки карактер, содржат и директни закани и повикување на физичко насилство. Ваквите пораки се особено загрижувачки бидејќи го надминуваат просторот на дозволено изразување несогласување и критика.
Секој поединец има право да не се согласува со ставовите, мислењата и професионалните постапки на новинарите, како и јавно да ги изразува своите критики. Сепак, несогласувањето треба да се артикулира преку аргументирана дебата, факти и издржани ставови, а не преку навреди, лични дискредитации, заплашување или повикување на насилство.
Коментарите објавени под фотомонтажата со ликот на новинарката меѓу кои и коментарот: „кршење на коски на ороспии платени од сорос сатаната“ содржат експлицитни повици за физичко насилство. Ваквите пораки не претставуваат легитимен начин на изразување несогласување ниту можат да се оправдаат со повикување на слободата на изразување.
Дигиталниот простор не е надвор од опсегот на правилата и механизмите за заштита на личната безбедност и достоинство и надлежните институции треба сериозно да ги разгледааат ваквите случаи и да преземат соодветни мерки во рамките на своите законски надлежности.
Агенцијата потсетува дека во демократско општество различните ставови и мислења треба да се соочуваат преку аргументирана дебата, а не преку закани и насилство. Почитувањето на ваквиот принцип е особено важно за создавање средина во која новинарите ќе можат слободно, независно и без страв да ја вршат својата професија.