15.01.2010г. Советот за радиодифузија доследно врши мониторинг и презема мерки против радиодифузерите, кои ги прекршуваат правилата за користење на телефонски услуги со посебна тарифа

image_pdfimage_print

Советот за радиодифузија ја разбира загриженоста на граѓаните и институциите…


СКОПЈЕ, 15 јануари 2010 – Советот за радиодифузија, во врска со реакциите од граѓаните, вклучително и писмото на Претседателот на Собранието на Република Македонија, информира дека континуирано врши мониторинг на целата програма што ја емитуваат радиодифузерите на територијата на Република Македонија, па така и на емисиите во коишто се користат телефонски услуги со посебни тарифи. Советот, согласно Законот за радиодифузната дејност и подзаконските акти, повеќепати има изречено мерки кон радиодифузерите. Инаку, во Законот не се предвидени ингеренции и механизми за Советот за радиодифузија соодветно да реагира на програмите од ваков вид и покрај тоа што Советот во повеќе наврати укажуваше на тоа.

Советот за радиодифузија не е директно надлежен за констатирање можни измами во техничките аспекти на користење овој вид комуникациски услуги, но поради жалбите од граѓаните тој редовно им укажува на трговските радиодифузни друштва за овој проблем.

Во регулативата за електронските комуникации прецизно е утврдено дека Агенцијата за електронски комуникации доделува телефонски броеви за услуги со посебна тарифа, што подетално се регулирани во „Правилникот на АЕК за видот и содржината на податоците кои операторите на јавни комуникациски мрежи и/или давателите на јавни комуникациски услуги се должни да ги објават во врска со општите услови за пристап и користење, цените, тарифите и параметрите за квалитет на јавните комуникациски услуги“. Во случај на злоупотреба, регулаторот за електронски комуникации може и да го одземе правото на користење на овие телефонски линии.

Советот за радиодифузија ја разбира загриженоста на граѓаните и институциите на Република Македонија и ги предупредува да бидат претпазливи при користењето на услугите на телефонските броеви со посебна тарифа.
Советот останува отворен за соработка со Агенцијата за електронски комуникации, со Организацијата за заштита на потрошувачите и со сите институции надлежни за заштита на интересите на граѓаните.



Accessibility

Accessibility