Скопје, 29 јуни 2023 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го изработи извештајот за сопственоста на медиумите во 2023 година, со цел да се постигне повисок степен на транспарентност на медиумската сопственост. Покрај тоа што редовно ги објавува на својата веб страница податоците за сопствениците на радиодифузерите, Агенцијата веќе неколку години по ред објавува годишни извештаи за сопственоста на медиумите.
Овој извештај се однесува на состојбата во 2023 година, поточно ги содржи податоците за сопствениците на телевизиите, радиостаниците и издавачите на печатени медиуми според тековните состојби издадени од Централниот регистар на РС Македонија во март 2023 година, како и објавите во дневен весник на податоците за сопственичката структура на издавачите на печатени медиуми.
Покрај тоа, во извештајот се содржани и информации во врска со промените на сопственичката структура на радиодифузерите во претходната година, како и податоци за интеграцијата на капиталот кај радиодифузерите.