Скопје, 12 мај 2026 – Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги д-р Зоран Трајчевски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата м-р Горан Ангеловски, денеска потпишаа Меморандум со кој се воспоставува институционална рамка за заеднички активности насочени кон унапредување на безбедноста во сообраќајот и јакнење на јавната свест за одговорно учество во сообраќајот.
Со Меморандумот се предвидува соработка на двете институции при реализација на информативни и едукативни кампањи, координирани иницијативи и активности за подигање на јавната свест, со цел намалување на ризиците и последиците од сообраќајните незгоди и унапредување на заштитата на животот и здравјето на граѓаните.
Посебен фокус ќе биде ставен на развивање и унапредување на сообраќајното образование, сообраќајно-превентивната работа, иницирање мерки за поголема безбедност на патиштата и улиците, следење и анализа на состојбите во сообраќајот, како и поддршка на кампањи за подигнување на јавната свест за безбедно однесување во сообраќајот.
Меморандумот се темели на законските надлежности и обврски на двете институции кои произлегуваат од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за медиуми, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и другата релевантна законска и подзаконска регулатива.