17.09.2009г. Советот за радиодифузија ќе поведе прекршочна постапка против Сител телевизија поради загрозување на малолетна публика…

image_pdfimage_print

Советот за радиодифузија на Република Македонија (СРД) на последната седница одлучи против Телевизија СИТЕЛ да поведе прекршочна постапка поради емитуваното интервју со злоупотребувано малолетно лице, поради опис на експлицитни сцени на насилство и недостоинствено претставување на жртвата, што можат негативно да влијаат врз малолетната публика.

 

Покрај непрофесионалниот новинарски однос, кој бара негување и развој на хуманите и моралните вредности и заштита на приватноста и достоинството на личноста, членовите на СРД сметаат дека ваквите содржини можат сериозно да го нарушат физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите.

 

“Нашиот мониторинг и деталните анализи на емитуваниот материјал исто така утврдија сериозно прекршување на членот 70 од Законот за радиодифузната дејност, кој предвидува заштита на малолетната, емоционално ранливата и психолошки помалку стабилната публика.” – нагласија членовите на СРД.

 

Домашната и европската медиумска регулатива која се занимава со јавната, медиумски посредувана артикулација на ваков вид приказни, недвосмислено препорачува – повишена етичка внимателност на главниот и одговорен уредник, на редакциските уредници и на новинарите. Освен избегнување на прикажување и интервјуирање на малолетни лица, оваа регулатива претпоставува прецизен избор на адекватен медиумски жанр во кој социјалната, социо-психолошката и кривично-правната рамнотежа на трауматичната исповед ќе бидат обезбедени преку уверливоста, доверливоста и компетенцијата на низа општествени фактори, незаобиколни за обмислување на причинско-последичниот амбиент на оваа и ваква социјална патологија.



Accessibility

Accessibility