29.09.2009г. Укажување до ТВ Сител поради емитувани елементи со навредлив вокабулар

СКОПЈЕ, 29 септември 2009 – Советот за радиодифузија (СРД) денеска одлучи до ТВ Сител да упати сериозно укажување за постоење опасност од ширење национална нетрпеливост преку програмите на оваа телевизија.

 

Мониторингот на СРД утврди дека во рамките на емисијата „Црн Бумбар Бел Бумбар“ на ТВ Сител, емитувана на 24 септември, водителката на емисијата не реагирала соодветно за да ги спречи гледачите да користат навредлив вокабулар против одредени етнички заедници при коментирањето на енциклопедијата на МАНУ.

 

„Станува збор за доста чувствителна тема, особено ако се има предвид политичката состојба во македонското општество и присуството на тензии меѓу етничките групи, кои живеат во него. Поради тоа медиумите имаат посебна одговорност при емитувањето содржини, што можат да предизвикаат ефект на легитимизирање, ширење или поттикнување национална омраза или подгревање меѓуетничка тензија. Во ваквите ситуации, особено е значајна улогата на водителот или новинарот, кој треба соодветно да реагира за да се намали негативната конотација на кажаното.“ – рече претседателот на Советот, Зоран Стефаноски.

 

СРД заклучи дека емисија на ТВ Сител самата по себе не претставува говор на омраза, но сепак, водителката за да спречи злоупотреба на медиумот, требала да се огради од ваквите изјави и да им укаже на гледачите за нивната несоодветност. Во краен случај, зависно од содржината, требала да го спречи нивното емитување.



Accessibility

Accessibility