17.11.2009г. Сателитските телевизии мораат да го кодираат сигналот…

Скопје, 17 ноември 2009 – Македонските сателитски телевизии, кои сè уште го немаат кодирано сигналот да го направат тоа заради заштита на авторските и сродните права – ова е заклучокот што едногласно го усвоија членовите на Советот за радиодифузија (СРД).

 

СРД утврди дека некои сателитски телевизии не го кодираат сигналот, така што како сопствената така и купената програма е достапна и на географско подрачје за коешто овие медиуми ги немаат уредено авторските и сродните права.

 

„Со оглед на тоа што сателитското емитување зафаќа поголема површина од територијата на Република Македонија, македонските сателитски телевизии ќе мораат или да ги регулираат авторските и сродните права за географската површина што ја покриваат или ќе мораат да го ограничат емитувањето на нивната програма исклучиво на територијата на земјава преку систем на кодиран сигнал.“ – се вели во заклучокот на СРД.

 

Законот за радиодифузната дејност (член 77) налага македонските електронски медиуми да создаваат и емитуваат програма со уредени авторски и сродни права, независно од подрачјето на покривање и техничкото средство за пренос на телевизискиот и радио сигнал. Доколку во најкус можен рок овие сателитски телевизии не ги регулираат авторските и сродните права, СРД ќе преземе законски мерки за нивно санкционирање.

 



Accessibility

Accessibility